Скопје: Загаден Град – Барања на ЗХГ до институциите за чист воздух

2023 година дојде, а Скопје заедно со другите македонски градови повторно се најде на врвот на најзагадените градови во светот според квалитетот на воздухот. План на долг рок како да се реши загадуањето не се презентира, имплементира и следи од институциите, кои често чекаат да дојде пролет и да го подзаборавиме проблемот со канцерогениот воздух во нашите бели дробови.

Затоа, Зелен Хуман Град заедно со AirCare/МојВоздух и другите независни советници изработија листа на барања до Влада, МЖСПП, ДИЖС, Град Скопје и сите општини. Барањата даваат чекори кои треба да се имплементираат и на краток и на долг рок.

Институциите мора да престанат да ги гледаат активистите како закана, туку како соработници кои помагаат во нудење решенија. Само со имплементација на вакви конкретни чекори, може следното зимо да дишеме почист воздух!

Скокни до препораките до:

  1. Влада
  2. Министерство за животна средина и просторно планирање
  3. Град Скопје
  4. Град Скопје + сите општини
  5. Државен инспекторат за животна средина

1. Влада

  1. Да го задолжи УХМР да започне со прогнозирање на температурни инверзии во македонските котлини.
    Температурните инверзии се природен феномен во котлини и не дозволуваат генерираното загадување да излезе од нив. Тие најчесто се формираат при студено време, затоа аерозагадувањето е најизразено во зима.
  2. При прогнозирање на температурна инверзија од УХМР за следниот ден, да се издаде забрана за работа на сите индустриски капацитети со А и Б интегрирани дозволи, освен тие кои имаат соодветни филтри, но под услов да бидат задолжени да обезбедат 24-часовен јавен мониторинг на емисиите во реално време.
  3. Веднаш да се започне процедура за измена на легислативата за демонополизација на соларната енергија, со цел вклучување на граѓаните по фер услови во употребата и производството на електрична енергија од сонцето, како и олеснување на процедурата за поставување фотоволтаици на крововите на домови, згради и мали бизниси, посебно со зголемување на лимитот на минимум 30kw моќност за домаќинствата и минимум 100kw за правните лица.
  4. Веднаш да се донес Закон за индустриски емисии во кој ќе се утврди ригорозен систем за одговорност и неселективно санкционирање на загадувачите, ќе се темели на задолжително поставување на мерни станици со јавен 24ч мониторинг на испуштени емисии во воздухот на сите субјекти кои имаат добиено А и Б-интегрирани дозволи.
  5. Во своите соопштенија, Владата да се повикува на Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, каде предлозите што треба министерството да ги доставува се заменети со наредби.

2. Министерство за животна средина и просторно планирање

  1. Да постапува можностите според Член 54-а од Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, и да издаде јавни наредби при надминување на праговите за алармирање што вклучуваат но не се лимитирани на
    • Наредба на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.
    • Наредба на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот.
    • Наредба да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
    • Наредба до инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 %) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.
    • Се наредува ограничување на работите на градежните објекти до престанок на важење на препораките и мерките.

      Државниот инспекторат за животна средина и Државниот трудов инспекторат да ги контролираат субјектите во земјата кои не ги почитуваат наредбите.
  2. Да ги подеси праговите за алармирање за загадување во воздухот согласно со стандардите за квалитет на воздухот во ЕУ, макар и тоа да значи континуирана состојба на алармирање во зимските месеци.



3. Град Скопје

  1. Следејќи го примерот на Законот за индустриски емисии, Градот Скопје да донесе одлука преку Советот на Град Скопје за задолжително поставување на мерни станици со јавен 24ч мониторинг на испуштени емисии во воздухот на сите субјекти кои имаат добиено Б-интегрирани дозволи.
  2. Да се обврзе Секторот за животна средина и Инспекторатот на Град Скопје да ги објавуваат јавно мерењата направени од операторите кои поседуваат Б-интегрирани дозволи.
  3. На следната седница на Советот на Град Скопје, да се дискутираат дополнителните мерки за намалување на загадувањето преку:
    • Густа локална мрежа од мерни станици за следење на аерозагадувањето, најмалку една на 1 км2
    • Периметарски поставени мерни станици за аерозагадување околу индустриски капацитети
    • Визуелен приказ на мапа сите Б-интегрирани дозволи издадени од градот, датум од до, лимити и тип на загадување
    • Јавни ненајавени месечни инспекции на сите инсталации со Б интегрирани дозволи. Ако градот нема доволно иснпектори, или вработува нови или не издава нови дозволи
    • 10 градски биокомпостари – по една за секоја општина
    • Работилница за преработка на отпадна пластика
    • Фотоволтаични системи на сите објекти под надлежност на Град Скопје
    • Субвенции за ФВ системи за индивидуални домаќинства
    • Субвенции за енергетски ефикасни фасади на објекти за индивидуално домување
    • Систем за самоизнајмување велосипеди
    • Нови велопатеки/ленти со максимална ширина
    • Нови паркинг-места за велосипеди
    • Одлука за сообраќајни ленти не пошироки од минимумот – 3 метри
    • Забрана за пластичен прибор и пластична амбалажа во јавните набавки на Град Скопје

4. Град Скопје и сите општини

  1. Со ребаланс на буџетот, да се предвидат средства за субвенционирање на фотоволтаични системи + инвертер клими во домаќинствата
    • Јавните повици да се ограничени за сите семејства кои имаат ниски примања.
    • Сите апликанти да можат да докажат дека во моментот го греат својот дом со согорување, преку видео запис + посета од член на комисија во домот.
      Ова се прави за да не се злоупотребуваат субвенциите со набавка на стари/неисправни/неупотребувани печки, со цел да се добие субвенцијата.
    • Апликантот мора да има лична карта на адресата каде што ќе се постави фотоволтаичниот систем, и мора на таа адреса да се докаже дека во моментот постои исправен и употребуван систем за загревање со согорување.

5. Државен инспекторат за животна средина

Веднаш:

  1. Инспекторатот да започне со редовни, ненајавени контроли врз сите субјекти кои се под негова надлежност, и задолжително да ги мери сите емисиони точки кои се одредени според интегрираните дозволи на дадените субјекти.
  2. Инспекторатот сите записници од инспекциите да ги дигитализира и објавува јавно веднаш по комплетирањето на инспекцијата (истите да не се објавуваат со ракопис од инспектор, туку препишани на компјутер).

Поднеси твој предлог за намалување на аерозагадувањето