ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД е неформална коалиција на локални активистички организации од Скопје, основана при организацијата на првиот Граѓански буџетски форум ,,Моја Заедница. Моја Визија” на 16 септември 2020 година. 12-те основачки организации се Е.Д.Е.Н., Биди Зелен, НаТочак, МојВоздух/AirCare, Анима Мунди, Хумани Градови, Ромалитико, Една Може, Полио Плус, Ајде Македонија, Мама Органа и Меѓаши. Коалицијата е отворена за приклучување на организации кои ги делат идеолошките позиции и организациските принципи на основачката група. Врз база на ова совпаѓање, со приклучувањето на нови организации се дополнуваат тематските заложби на коалицијата. Денес во ЗХГ членуваат вкупно 20 организации и активистички групи.
Основната мотивација на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД е широко обединување на активистите и обичните граѓани зад конкретни проекти во рамката на тематските заложби. Овие проекти се генерираат преку три извора: експертизата на активистичките организации кои го сочинуваат ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД, граѓанските предлози на платформата МојГрад, создадена и администрирана од ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД, и барањата на протестните движења во кои учествува(л) ЗЕЛЕН ХУМАН ХРАД. Целта на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД е интегрирање на проектите од овие два извора и нивно застапување како политики во локалните институции, паралелно со агенда за прогресивна институционална трансформација во насока на трансфер на моќта од политичката и бизнис елита кон граѓаните.
Социјална правда. Борба за праведно и еднакво општество, во кое правата на секој граѓанин се признаени и заштитени.
Одржлив развој. Развојни стратегии кои ги задоволуваат потребите на општеството во сегашноста, без притоа да ги нарушат условите за идните генерации да ги задоволат нивните потреби.
Енергетска независност. Способност на заедницата да ги задоволи сопствените енергетски потреби без да увезува енергија однадвор или да ја добива од нечисти, неефикасни и исцрпливи извори.
Чиста животна средина. Одржување и пристап до чиста вода, почва и воздух.
Заштита на животните. Спречување на злоупотреба и експлоатација на животните.
Урбана мобилност. Остварување на секојдневните активности и добивање на општествените услуги преку безбедни, брзи, еколошки и евтини транспортни средства и соодветна инфраструктура за инклузивни и еднакво пристапни јавни простори.
Локален суверенитет. За локалната политика одлуките мора ексклузивно да ги носат локалните жители. Како локална средина, градот мора да има автономија во носењето на урбаните политики, и на нив не смее да влијаат надворешни фактори.
Грасрутс партиципација. Локалните политики мора да потекнуваат одоздола, од припадниците на локалната заедница, преку учество на самите граѓани во процесот на планирање и имплементација, наместо да бидат наметнувани од центрите на моќ.
Дигитална заедница. Интернет технологиите мора да се искористат за оптимизација на процесот на партиципација и одлучување. Неопходно е воведување дигитална партиципативна платформа на која граѓаните ќе се информираат, дебатираат и гласаат, а изразеното мислење би било обврзувачко за институциите.
Хоризонталност. Структурата на организацијата мора да биде градена и одржувана преку еднаква распределба на моќта на одлучување меѓу членовите, наместо преку хиерархија и доминација.
Инклузивност. Неопходно е овозможување пристап во процесот на одлучување во организацијата за сите засегнати граѓани. Посебен акцент мора да биде ставен на обезбедувањето услови за вклучување во процесот на маргинализираните и исклучените групи и поединци, и нивна едукација.
Транспарентност. Организацијата мора јавно да го објавува и презентира секој аспект од процесот на одлучување, во секоја негова фаза.
Проектите кои ги застапува ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД се категоризирани според изворот на проектот. Првиот извор се предлозите на активистичките здруженија кои ја сочинуваат коалицијата во рамки на Граѓанскиот буџетски форум ,,Моја Заедница. Моја Визија” (со поткатегории ЗЕЛЕН ГРАД и ХУМАН ГРАД). Вториот извор се поднесените предлози од партиципативната платформа МојГрад, кои се одбиени од градската администрација. Листата на проекти континуирано се дополнува со секој нов сет на изгласани предлози на МојГрад.
ЗЕЛЕН ГРАД
ХУМАН ГРАД
МојГрад
Коалицијата ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД е изградена врз темелите на долгогодишната организација и учество на неговите членови – здруженија и поединци – во протестни движења за социјална промена. Покрај конкретните проекти од двата горенаведени извора, ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД ги претставува и барањата на овие движења, поставени во форма на отпор кон корумпираните, неправедните и деструктивните активности и намери на структурите на моќ.
Долгорочната визија на ЗХГ е антисистемска: целосна трансформација на институциите со цел да ги одразуваат демократската волја и реалните потреби на мнозинството граѓани на Скопје наместо на малцинството – политичката и бизнис класата.
I фаза: Активисти и експерти наместо политичари од кариера во институциите (избори 2021)
II фаза: Задолжителни механизми на граѓанско одлучување (прв мандат)
III фаза: Воведување на целосна директна демократија (втор мандат)