Упатство за барање на истрага и вонреден надзор за пожарот во комплексот „Железара“ на 22.09.2026

 

Телефонско пријавување

 

За било какви незаконски постапки на територијата на општина Гази Баба, кои бараат итно постапување, а се во надлежност на секторот за Инспекциски работи на општина Гази Баба пријавете на бројот 075 346 932.
За итни случаи на загадување, пријавете во Државен инспекторат за животна средина, дежурен инспектор 070 286 698.

Упатство за пријавување преку мејл

Брза пријава со 1 клик

Кликни на копчето подолу за пријава со 1 клик. Ова ќе ја ископира содржината на пријавата и ќе ти отвори апликација за мејл со веќе пополнети е-адреси и наслов на пријавата.

Единствен рачен чекор е да се внесе копираната содржина во мејлот, да се пополни име и презиме доколку е потребно и да се прати пријавата. 

Рачно пополнување

Е-адреси за пријава:​

Предмет:

Барање за итно отворање истрага и спроведување вонреден надзор за пожарот во комплекс „Железара“ на 22.09.2026

Содржина:

ДО

 

Основно јавно обвинителство – Скопје
Министерство за животна средина и просторно планирање
Државен инспекторат за животна средина
Град Скопје – Сектор за животна средина
Општина Гази Баба – сектор за животна средина

 

Предмет: Еколошка хаварија со неконтролирани емисии на токсични материи предизвикана од пожар во деловен субјект во индустрискиот комплекс Железара на 22.09.2026


Тргнувајќи од заложбите за заштита на правото на здрава животна средина на жителите на Скопје, поднесувамe барање за итна истрага од страна на Основното јавно обвинителство и вонреден инспекциски надзор од надлежните инспекторати, вклучително итно, објективно, навремено и професионално известување на јавноста за сите детали околу инцидентот. Големиот пожар во комплексот Железара кој резултираше со густ црн чад кој стигна до населбата Ново Лисиче претставува сериозна хаварија од индустриски загадувач со директни последици по здравјето на луѓето, животинскиот и растителниот свет.

Поради очигледното потфрлање или непостоење на превентивните системи и мерки за заштита, бараме утврдување одговорност врз основа на следните законски одредби:

1. Повреди на Кривичниот законик на Република Македонија

Бараме ОЈО да покрене постапка за утврдување кривична одговорност кај правното лице и одговорните лица, вклучително службените лица задолжени за институционален надзор, за следните дела од Глава 22 – Кривични дела против животната средина и природата:

        • Член 218 (Загадување на животната средина и природата): Со овој член се предвидува казна затвор од три до десет години за секој кој со непридржување кон прописите за заштита ќе загади воздух, почва или вода во поголем обем или на пошироко подрачје и ќе предизвика опасност по животот или здравјето на луѓето, животинскиот и растителниот свет. Во истиот член се пропишува парична казна за правното лице.
        • Член 218-б (Екоцид): Бараме да се утврди дали обемот на неконтролираното согорување и штетата врз екосистемот во скопската котлина ги исполнуваат елементите за долготрајно и широкораспространето загадување на животната средина извршено со умисла што е казниво со најмалку 10 години до доживотен затвор. Според овој член кривично се гони дури и пропуштање да се преземе дејствие поради кое ќе настане сериозна или долготрајна штета на животната средина.
        • Член 353-в (Несовесно работење во службата): Службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое со повреда на законските одредби за судир на интересите или за совесно постапување при вршењето на дискреционо овластување, со пропуштање на должен надзор, стекне за себе или за друг некаква имотна корист или на друг ќе му предизвика штета, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Ако штетата е значителна, предвидена е затворска казна до пет години.

2. Повреди на Законот за животна средина

Индустрискиот комплекс и самиот субјект подлежат на строги законски обврски според Законот за животна средина. Секој индустриски капацитет е обврзан да ги преземе сите превентивни мерки уште пред почетокот на активноста за да ги спречи негативните влијанија врз животната средина. Нефункционирањето на овие мерки е основа за одземање на еколошката дозвола. Во согласност со одредбите од законот, капацитетите се должни да имаат План за спречување хаварии. Според начелото „Загадувачот плаќа“, загадувачот е должен да ги надомести трошоците за отстранување на опасноста од загадување на животната средина, да ги поднесе трошоците за санација и да плати правичен надомест за штетата причинета врз животната средина, како и да ја доведе животната средина, во најголема можна мера, во состојба како пред оштетувањето.

 

Итни барања до Општина Гази Баба, Град Скопје, Министерство за животна средина и просторно планирање и до Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС):

      1. Спроведување итен вонреден инспекциски надзор за утврдување на видот и количеството материјали кои согореле.
      2. Јавно објавување на податоците од мерните станици на МЖСПП, како и од операторот, во моментот на хаваријата за токсичните гасови пуштени во воздухот.
      3. Отворена и професионална соработка со Јавното обвинителство за обезбедување на сите потребни материјални докази поврзани со инцидентот, вклучително потенцијално инкриминирање службени лица задолжени за надзор од соодветните институции.


Паралелно со водењето на сите неопходни постапки, бараме од сите горенаведени институции во најкус можен рок јавно да се произнесат. Навремената вклученост на јавноста е од суштинско значење за објективно водење на процесите:

      1. Кое е правното лице што го предизвика загадувањето?
      2. Дали тоа правно лице ги имало сите неопходни дозволи за работа?
      3. Што точно се случило што придонело до инцидентот и како може да се спречат слични инциденти во иднина?
      4. Што е направено од страна на институциите и/или правното лице-сторител за да се редуцира штетата предизвикана од загадувањето досега?
      5. Какви институционални процедури се веќе почнати за утврдување одговорност кај правното и кај службените лица во институциите?
      6. Какви институционални механизми се активирани за да се спречи избегнување одговорност како што досега сме имале искуство да сведочиме?


Имаме уставно право на чист воздух и здрава животна средина.

Оваа хаварија не смее да остане без институционална завршница и кривична одговорност.

 

Со почит,

Пример на пополнета пријава: